Археолошкиот локалитет Врбјанска Чука претставува тумба карактеристична за неолитот во Пелагонија, лоцирана помеѓу селата Славеј и Врбјани. Плодните житни полиња, реките, мочуриштата вегетацијата, птиците и животните ја претставуваат еколошката средина кадешто во неолитот била основана и се развивала оваа земјоделска населба. Таа била формирана во шестиот милниум пр.н.е. како резултат на интензивниот живот на заедницата што живеела во куќи од лепеж опкружени со ров што имал заштитна улога од поплави, диви животни и напади. Оваа неолитска заедница се занимавала со земјоделство, сточарство, рибарење, лов и разни занаети што го вклучуваат грнчарството, како и изработка на камени алатки и разни видови обредни предмети.

За исклучителното значење на населбата сведочи масивниот амбар за чување и обработка на житарици, украсен со рељеф карактеристичен за артефактите со симболички обележја. Меѓу нив најкарактеристични се жртвениците, антропоморфните модели на куќи, фигурините, како и сликаните орнаменти на садовите. Овие обележја потврдуваат дека Врбјанска Чука била значаен центар во северната половина на Пелагонија, и тоа не само во рамки на земјоделството, туку и во сферата на верувањата и обредите. Откако завршил живототот на оваа неолитска населба, тумбата цели пет милениуми не била активна, сè до доцната антика и средниот век, за што сведочат бројните јами и погребувањата.

Мочурливата околина, изобилието на дрвја, птици и животни карактеристични за барскиот амбиент, биле еколошката средина каде што во неолитот се формирала Врбјанска Чука. Оваа тумба е позиционирана на околу 1,3 километри јужно од селото Славеј и на околу 12 километри западно од Прилеп, односно во северниот дел на пелагониската рамница којашто важи за регион со најголема густина на неолитски локалитети во Македонија. Овој простор претставува затворена географска целина опкружена со планините Баба, Плакенска и Бушева од запад, Даутица од север, Бабуна и Селечка од исток и падините на Нередска Планина и Ниџе од југ. Под археолошките хоризонти денес се констатирани алувијални слоеви создадени како резултат на некогашното неогенско езеро чиешто истекување пред неколку милиони години влијаело врз динамичната хидрографија на регионот, заедно со обилните врнежи, топењето на снегот од околните повисоки планини и истекувањето на Црна Река која тече по средината на Пелагониското поле.

Локалитетот е истражуван во повеќе археолошки кампањи како соработка помеѓу музеите од Прилеп и Битола, и тоа од 1979 до 1982 година, а потоа и од 1987 до 1989 година. За време на овие истражувања, утврдено е постоење на комплексна населба сочинета од повеќе културни хоризонти што припаѓале на неолитот, доцната антика и средниот век. Материјалната култура, сочинета од садови, антропоморфни модели на куќи, жртвеници, фигурини, камени алатки и кугли за праќа, укажува на обележја типични за пелагонискиот неолит и Велушко-породинската културна група. Откриени се и повеќе станбени објекти и стопански конструкции, меѓу кои се истакнува масивниот амбар за чување и обработка на житото. Со цел да се надоградат добиените сознанија за оваа неолитска населба, во 2016 година започнаа нови теренски, кабинетски и лабораториските истражувања на тимови од повеќе земји. Ваквиот интердисциплинарен пристап, кој во себе вклучува археологија, геологија, археоботаника, паленологија, антракологија, зооархеологија, геофизичко скенирање, дигитална топографија и 3Д моделирање вроди со мноштво нови податоци, што дадоа многу потемелен увид во настанокот и развојот на оваа неолитска населба.

Истражувањето со примената на геомагнетен скенер понуди доста солидни информации за просторната организација на населбата. Јасните сигнали добиени од магнетометарот укажуваат на постоење на дваесеттина градби опкружени со ров што егзистирале во една од фазите на тумбата. Градбите имале линеарен распоред во правец југозапад - североисток и северозапад - југоисток, додека во населбата се влегувало од југо-запад, кадешто имало и поширок отворен простор без архитектура. Покрај геоскенирањето на Врбјанска Чука, истражувања од ист вид беа изведени на соседните локалитети Вис Коњарски-Славеј и Тумба-Боротино, коишто имаат сосема различна просторна организација на населбите.

Архитектонските традиции на оваа населба најдобро се прикажани преку неколкуте истражени куќи присутни на ова место. Дел од градбите се истражувани делумно и во текот на 1980-те, додека со најновите ископувања тие целосно ќе бидат проучени и документирани. Една од нив е градбата именувана како Куќа 2. Имајќи го предвид нејзиниот внатрешен инвентар сочинет од 2 печки, огниште, платформа за обработка на житарици, кружната структура и тенките внатрешни ѕидови може да се потврди комплексната функција што оваа градба ја имала како стопанска целина во населбата.

Објектот што го издвојува овој локалитет како посебен помеѓу останатите неолитски населби од Македонија е именуван како Куќа 1. Во внатрешноста на градбата со правоаголна основа се документирани голем број на фрагментирани, но и целосно зачувани наоди, жртвеници од типот "масичка" и модели на куќи. Меѓутоа, она што го прави овој објект уникатен е масивниот амбар откриен во неговиот североисточен дел за време на ископувањата во 1980-те години.

Масивната конструкција - амбар откриена во Куќа 1 всушност отсликува еден мошне битен елемент кој како придобивка се јавува во неолитот, а тоа е чувањето и процесирањето на житни култури. Оваа комплексна градба претставувала систем од најмалку два дела: еден поголем простор со површина од 2x2 метри и четири помали целини поставени во низа едно до друго. По површината на ѕидовите на амбарот се констатирани масивно изведени скалести декорации - форми кои често се среќаваат кај жртвениците од типот "масичка" и моделите на куќи од неолитските наоѓалишта низ Пелагонија. Околу самата конструкција документирани се орудија од коска и камен, како и целосно и фрагментирани керамички садови.

Садовите се најзастапени меѓу керамичкиот материјал на Врбјанска Чука. Досега се регистрирани мноштво садови со фина фактура кои типолошки се карактеристични за пелагонискиот неолит, но со автентични обележја во домен на орнаментиката. Како најдоминантни претставници со фина фактура се купестите садови со црвена боја изработени од прочистена глина, а чија форма варира со истакната биконичност во нивниот средишен дел и благо извлечени ободи кон надворешниот дел. Покрај купестите садови, во помал број присутни се паниците и грнињата со кремаста, црна и портокалово-црвенкаста боја и други карактеристични форми за раниот неолит во Пелагонија. Од садовите со погруба фактура посебно се истакнуваат амфорестите садови и аскоси, декорирани со барботин и густо распоредени брадавичести апликации.

Во текот на археолошките истражувања пронајдени се и антропоморфни модели на куќи. Кубусите на моделите се правоаголни и ги имаат карактеристичните широки отвори за северна Пелагонија. Покрај кубусите, присутни се и цилиндри со централен отвор и траги од горење односно чад кој поминувал низ него. Некои од цилиндрите имаат претстава на лице, додека некои обележја на кубусите ги сугерираат истите карактеристики. Овие предмети се користеле како комеморативни ламби што се палеле во чест на починатите предци или на одредени ликови од неолитската митилогија.

Покрај антропоморфните модели застапени се и жртвеници-масички со траги од горење на органски материи. Тие најчесто прикажуваат двосливни куќи или пак се стилизирани во форма на масичка што се користела како жртвениче. Нивната боја е најчесто кремаста и поретко црвено-кафенкаста, додека кај моделите од куќи таа е кафена и кремаста, со средна фактура и без додатни органски и минерални додатоци. Назабените апликации на жртвениците се идентични со рељефот на ѕидовите од масивниот амбар, така што ваквите сличности ги поврзуваат симболичките карактеристики на овие две навидум различни форми на материјална култура.

На Врбјанска Чука се пронајдени неколку видови на фигурини. Доминираат оние во форма на тенок цилиндар, топчеста база и аплицирани раце. Присутни се и минијатурите со јасни женски обележја, како што се големите бедра и гениталиите покриени со плочка. Освен извлечениот нос, закосените очи и косата, на телата ретко се присутни други елементи. Зооморфните фигурини исто така немаат многу јасни обележја освен оние што прикажуваат говеда. Функцијата на фигурините сеуште не е многу јасна, ниту пак нивниот контекст дава дополнителни податоци. Сепак, може да се потврди дека доминираат женски фигурини и претстави на говеда, како и оние без индивидуални карактеристики на лицето. Тоа укажува на одредени улоги што овие предмети би можеле да имаат во сферата на верувањата, обредите, дидактиката и игрите на земјоделските заедници во оваа населба.

Алатките, односно предметите кои служеле за сечење, делкање и дупчење, се појавуваат во помал број на локалитетот. Секирите од камен со добро сочувани сечила и кремените ножиња се најзастапени меѓу тип на наоди, додека поретки се коскените орудија (игли, шила и длета). Исто така се откриваат тегови и дискоидни плочки за разбој и мрежи за риболов, а најчести се куглите за праќа за лов на животни (наспроти стрелите коишто воопшто не се присутни на овој локалитет).

Првичните археоботанички анализи на примероци од неолитските слоеви на Врбјанска Чука идентификуваа неколку видови растенија што биле користени од страна на неолитските заедници на овој простор. Такви се Lens culinaris (леќа), Triticum monococcum (пченица), Hordeum vulgare (јачмен) и Pisum sativum (грашак). Целта на ваквите анализи е да се добие увид во палеоекономијата на локалитетот и исхраната на населението, како и утврдување на диверзитетот на вегетацијата што ја опкружувала оваа неолитска населба. Тековните анализи го прошируваат бројот на вегетативните форми присутни на локалитетот и даваат уште подетални сознанија за секојдневниот живот на прите земјоделци во овој дел од Пелагонија.

Тековните зооархеолошки анализи покажуваат дека добитокот бил најзастапено животно во исхраната на заедницата што живеела на Врбјанска Чука. Исто така, биле консумирани свињи, овци, кози и школки, додека постојат докази и за присуство на кучиња. Некои од животинските коски биле користени како алатки за шиење и перфорации или како играчки.

Со цел попрецизно да се определи обликот, зафатнината и висината на Врбјанска Чука, во текот на археолошката кампања во 2016 година, беше изработен дигитален висински модел (DEM) на локалитетот. Беа регистрирани вкупно 179 точки со помош на GPS RTK уред на еквидистанца од 10 и 20 метри низ целата површина на неолитската тумба. Потоа, со ГИС софтвер беше извршена TIN интерполација на регистрираните вредности од точките при што се доби одлична визуелизација и увид во моменталната состојба на населбата. Вкупната висина на тумбата изнесува 603 метри, а најниската 599 метри, додека нејзината должина во дијагонала изнесува 130 метри. Ова се покажа како одличен метод за документирање на пелагониските локалитети, со карактеристични висини меѓу 2 и 6 метри, што воедно ја вклучува и Врбјанска Чука со нејзините 4 метри.

Информациите добиени од ископувањата, лабораториските анализи, фотографиите и геомагнетното скенирање дадоа можност да се изведе 3D моделирање на потенцијалниот изглед на неолитската населба. Моделирањето беше извршено со 3DS Max софтвер каде беа реконструирани некои од утврдените информации за локалитетот, како на пример ровот кој ја опкружувал, позицијата на куќите и нивната големина. Добиената визуелизација ќе помогне во подобро согледување на карактерот на населбата, како и во нејзината презентација и едукативно-научните програми.

Покрај геомагнетното скенирање на Врбјанска Чука (види 'Архитектура'), беше извршено геоскенирање и на локалитетите Тумба Боротино и Вис Коњарски, со цел да се споредат просторните обележја и населбинскиот распоред на овие соседни предисториски тумби. Погодните услови при скенирањето понудија висока стапка на нови податоци што во најголема мера се резултат на човечката активност одбележна преку горење на куќи, печки, огништа и други карактеристични археолошки елементи (ровови, палисади и др.).

Локалитетот 'Тумба' Боротино го сочинуваат две помали развлечени тумби формирани на 1 километар јужно од Врбјанска Чука. Резултатите прикажани на илустрацијата отсликуваат дел од истражуваната површина на којашто е регистриран мал локалитет опкружен со ровови. Веднаш до него е присутна концентрација на сигнали со помали димензии и идентична ориентација, што најверојатно говори за постоење на простор што бил наменет за погребувања.

На само 200 метри северо-источно од Врбјанска Чука, констатирано е постоење на помала тумба што била активна во времето, но и после животот на Врбјанска Чука. Поради тоа, на две изолирани места со вкупна површина од 1,4 хектари беше реализирано геомагнетно мерење, а резултатите со нагласени највисоки вредности се означени на илустрацијата. Интерпретацијата на дел од сигналите говори за постоење на тесен ров, праволиниска структура која можеби претставува дел од палисад и неколку структури што може да бидат дел огништа, јами и остатоци од лепеж. Останува да се испитаат можните корелации помеѓу Вис Коњарски и Врбјанска Чука со оглед на нивната релативно мала просторна и временска оддалеченост.

За археолошкиот локалитет Врбјанска Чука напишани се неколку извештаи, а делови од материјалната култура се вклучени во повеќе трудови, делумно или целосносно фокусирани на архитектурата, антропоморфните модели, жртвениците, садовите и фигурините. Тие ги илустрираат досегашните сознанија за неолитската населба и даваат детален увид во интериерот, грнчарството и симболичките сфери каракактеристични за заедницата што го населувала ова место.



Извештаи:

Naumov, G.; Mitkoski, A.; Murgoski, A.; Beneš, J.; Przybyła, М., Komarkova, V; Vychronova, M. Milevski, Đ. and Stoimanovski, I. in print. Research on Vrbjanska Čuka at Slavej - 2017. Archaeologia Adriatica 11. Zadar.

Наумов, Г.; Миткоски, А.; Мургоски, А; Бенеш, Ј.; Пшибила, М.; Милевски, Ѓ., Комаркова, В.; Вихронова, М. и Стоимановски, И. 2016. Истражување на Врбјанска Чука кај Славеј - 2016. Патримониум 14: 13-42. Скопје.

Миткоски, А. 2005. Врбјанска Чука кај селото Славеј, Прилепско. Зборник на Музеј на Македонија 2: 33-46. Скопје.

Китаноски, Б. 1989. Врбјанска Чука. Arheološki pregled 1987: 47 - 48. Ljubljana.

Осврти:

- архитектура:

Naumov, G. 2013. Embodied houses: social and symbolic agency of Neolithic architecture in the Republic of Macedonia. In Hoffman, D. and Smyth, J. (eds.) Tracking the Neolithic house in Europe - sedentism, architecture and practice: 65 – 94. New York: Springer.

Mitkoski, A. and Temelkoski, D. 2008. Cult Object from Neolithic Site Vrbjanska Chuka. In Shukarova, B. and Grupche, O. (eds.) Science Meets Archaeology and Art History - Balkan Symposium on Archaeometry: 96-97. Skopje.

Mitkoski, A. and Naumov, G. 2007. Neolithic Structure of possible ritual significance from The Republic of Macedonia. PAST 58: 8-9. London.

Kitanoski, B., Simoska, D. and Jovanović, B. 1990. Der kultplatz auf der fundstatte Vrbjanska Cuka bei Prilep. In Srejović, D. and Tasić, N. (eds.) Vinča and its World. International Symposium The Danubian Region from 6000-3000 BC: 107-112. Beograd: Serbian Academy of Science and Arts, Centre for Archaeological Research, Faculty of Philosophy. Beograd. Bigz.

- антропоморфни модели:

Chausidis, N. 2010. Neolithic Ceramic Figurines in the Shape of a Woman - House from the Republic of Macedonia. In Gheorghiu, D. and Cyphers, A. (eds.), Anthropomorphic and Zoomorphic miniature figures in Eurasia, Africa and Meso-America: morphology, materiality, technology, function and context: 25 - 35. BAR International Series. Oxford: Archaeopress.

Чаусидис, Н. 2008. Отворите на неолитските жртвеници од типот „Мајка – Куќа“. Macedoniae Acta Archaeologica 18: 75 – 92. Скопје.

Темелкоски, Д. и Миткоски, А 2005. Типови неолитски жртвеници во праисториската збирка на Заводот и музеј – Прилеп. Зборник на Музејот на Македонија 2 (археологија): 47 - 56. Скопје. 2005.

- жртвеници

Naumov, G. 2011. Visual and conceptual dynamism of the Neolithic altars in the Republic of Macedonia. In V. Nikolov, K. Bacvarov & H. Popov (eds.) Interdisziplinäre Forschungen zum Kulturerbe auf der Balkanhalbinsel: 89-129. Sofia: Nice.

Чаусидис, Н. 2009. Балканске „кућарице“ и неолитски керамички жртвеници у облику куће. Во С. Петровић (уред.) Етнокултуролошки зборник XIII: 53-72. Сврљиг.

Темелкоски, Д. и Миткоски, А 2005. Типови неолитски жртвеници во праисториската збирка на Заводот и музеј – Прилеп. Зборник на Музејот на Македонија 2 (археологија): 47 - 56. Скопје. 2005.

- садови:

Темелковски, Д. и Миткоски, А. 2005. Садова керамика од Врбјанска Чука. Macedoniae Acta Archaeologica 16: 29 – 53. Скопје.

- фигурини:

Наумов, Г. 2015. Неолитски фигурини во Македонија. Скопје: Магор.

Темелкоски, Д. и Миткоски, А. 2001. Неолитски антропоморфни статуетки во предисториската збирка од Завод и музеј Прилеп. Македонско наследство 17: 53 – 69.